Најмалку 18 Палестинци се убиени во израелски напад врз бегалскиот камп Тулкарм на окупираниот Западен Брег, објави Ројтерс.
Израелската армија соопшти дека го ликвидирала командантот на „Хамас“ – Захи Јасер Абд ал Разек Уфи.
Палестинската влада „повикува на итна меѓународна акција за запирање на ескалацијата на масакрите“ врз нејзиниот народ, се вели во соопштението на палестинското Министерство за здравство.
Официјалниот портпарол на палестинското претседателство, исто така, го осуди нападот, јави палестинската новинска агенција ВАФА, додавајќи дека овие напади „нема никому да донесат безбедност и стабилност, туку ќе го вовлечат регионот во поголемо насилство“.
Насилството се зголеми на Западниот Брег од почетокот на војната во Газа, со речиси секојдневни операции на израелските сили кои вклучуваат илјадници апсења и редовни престрелки меѓу безбедносните сили и палестинските борци.






