Во Прилеп денеска e прогласен Ден на жалост по трагичната сообраќајна несреќа кај Лагово што ја потресе јавноста. Советот на Општината синоќа одржа вонредна седница и донесе Одлука да бидат откажани сите настани, а знамињата пред општинската зграда и македонското знаме на влезовите од градот и на јарболот во центарот на градот да бидат поставени на половина копје.



Градоначалникот Борче Јовчески изрази сочувство до семејствата за огромната загуба, истакнувајќи дека Прилеп и Македонија изгубија врвни лекари специјалисти, еминентни и почитувани луѓе.

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на регионалниот пат од Прилеп кон Битола, во непосредна близина на село Лагово, животот го загубија двајца доктори и еден медицински техничар.

Тие вчераутро се упатиле кон своето работно место, во приватна здравствена установа во Битола, но од засега неутврдени причини влегле во другата коловозна лента при што директно се судриле со камион со скопски таблици управуван од жител на Битола.