„Триесет години гледаме европска политика на понижување на државата Македонија и на македонските граѓани, политика што е повеќе црн хумор со комични последици. Не ги крши Македонија правилата, туку ЕУ си ги крши сопствените принципи и правила. Какви исти аршини, какви лаги. Тоа што важи за Европеецот, не важи за Македонецот. Не е државата Македонија, најмалку денешната власт, виновна за тоа што сме надвор од одаите на европската куќа. Не дека Македонија не сака да биде членка на ЕУ, туку ЕУ сѐ уште не е подготвена да ја види Република Македонија во својот двор. Затоа, да не ја обвинуваме државата, да не се обвинуваме себеси за тоа што ни го прават дрско и непримерно другите. Да не се удираме со туѓиот камен по сопствената глава. Стратегиската намера на Унијата е да ја држи Македонија пред отворена јама додека да се решат другите балкански прашања.“ – нагласува новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „ЕУ не ја сака Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Колемишевски пишува: Значителен дел на сегашни, или поранешни политичари, аналитичари, коментатори, новинари, фејсбук-активисти, често пишуваат и зборуваат дека Македонија триесет години ги испушта шансите за членство во Европската Унија. Притоа вината за неуспехот ѝ се префрлува на Македонија без да се зема предвид дека таа ги исполни сите услови што ги наметнуваше и сѐ уште ги наметнува бриселската администрација, вклучувајќи ја и промената на името на државата, единствен пример во светот. Од тие и од други причини заживеа тезата дека, наводно, Македонија не го сака тоа членство и затоа самата си прави смислени сопки на тој пат.
Не е така. Тоа го покажува хронологија во изминативе триесет години. По речиси исто толку поминати ветрови и протечени води, сменети македонски влади и собранија, сменети комесари за проширување и една цела серија лицемерни епизоди, вратите на ЕУ останаа затворени. Триесет години гледаме европска политика на понижување на државата и македонските граѓани, политика што повеќе личи на црн хумор со комични последици.
Намерата на Република Македонија да стане членка на Унијата е родена по прогласувањето на независноста, во јануари 1991. Првото повеќепартиско Собрание го истакна членството во Европската Унија како еден од стратегиските државни интереси. Во таа смисла во јануари 1991 беше донесена проевропска декларација што денес лежи под прашината на собраниската архива. Бугарија, Албанија, Романија, Србија, Црна Гора беа далеку, далеку назад зад светлите перспективи на Македонија, надежната глава што треба да биде пример за новата стратегиска структура на застарениот Балкан. Декларацијата беше јасен доказ за ориентацијата на Република Македонија кон европскиот свет како избор на пат без алтернатива.
Реалноста стигна многу бргу. На македонските власти им беше доставено до знаење, повеќе потајно, отколку јавно, дека од тие желби ќе нема ништо ако државата не направи крупни промени во Уставот и ако не го смени името. Таквите околности придонесоа прашањето за Европа да биде ставено во мирување за некои подобри времиња. На 22 март 2004 година Македонија поднесе официјално барање за членство во ЕУ. На Самитот во Брисел на 17 декември 2005 година, Европскиот совет реши Република Македонија да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Оттогаш до денес Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Република Македонија. Главно позитивни по стил, но негативни по ефект. Оттогаш, еве врват, дваесет години.
Наводно, сѐ ќе беше во ред, ако не беше името Македонија. Тоа што веднаш го побара Грција, го прифатија сите земји, без исклучок. Како заклучок произлезе ултиматумот: нема ЕУ, ако нема ново име! Нема иднина, нема перспектива, нема пари, ако нема ново име, говореа студените лица на западноевропските политичари, учејќи нѐ како да го навиваме часовникот за да не го испуштиме европскиот воз.
Името беше долги години споменувано како единствениот услов, што се покажа како лага. Се поставуваа постојано нови европски услови. Лисабонска декларација, копенхагенски критериуми, мадридски критериуми, разни други неброени критериуми, правда, судство, криминал, корупција, еден закон, друг закон, речиси сѐ што се случуваше во државата стануваше некаков услов. Реформи, реформи на реформите, посебни услови за демократија, медиуми, човекови права и слободи, како во оваа земја никогаш да не живееле, или да не живеат нормални луѓе. Понижувањето на Македонија беше една од поглавните европски политички дисциплини.
Во Букурешт беше заклучено дека Македонија по промената на името веднаш ќе биде примена во НАТО и ќе почне преговори за прием во ЕУ. Само дел од тоа ветување се покажа вистинито. Македонија подоцна стана членка на НАТО, но до денес залудно чука на вратите на ЕУ. По проблемите со Грција се појавија проблемите со Бугарија, кои се само тешка последица на долгото бриселско одложување и прифаќање на Македонија како сериозен можен член на Унијата. Во оваа кратка хронологија секако треба да се вброи лажната пропаганда што ја водеше владата на Зоран Заев со Никола Димитров и Радмила Шекеринска дека Македонија ги почнала преговорите. За тоа гобореше карикатуралната слика на тројцата во владиниот авион со поздравот – среќно, нѐ примија во Унијата. Бугарија е само последица на долгото одолжување.






