„Дали сте подготвени?“ – статус-сторијата само со ова кусо и загадочно прашање, која ја објави на фејсбук Али Ахмети, лидерот на ДУИ, се шири на оваа општествена мрежа и во јавноста во изминативе 24 часа преку информативниот портал „Топ 24“, информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА и повеќе други медиуми на албански јазик во Македонија и Балканот.
„Top 24“ објави: „Али Ахмети прашува: Дали сте подготвени? Што најавува ДУИ? Оваа објава на Алиу Ахмети , што се шири низ фејсбук и јавноста од членовите и активистите на ДУИ, уследи вчера, на 28 септември 2024 година, кратко време по објавувањето на фотографијата од страна на екипата на Али Ахмети и нивното прашање: ‘Ние сме овде, подготвени сме.“
Инаку, во интервјуто за весникот „Слободен печат“ од пред една седмица Али Ахмети соопшти дека „со протести пред Собранието и пред Владата ДУИ ќе се обиде да се избори за законски, или уставни измени, со кои ќе се почитува легитимитетот“. „Иако лидерот на ДУИ не откри дали финале на протестите, со кои треба да издејствува закон за легитимитетот, ќе биде барањето за предвремени парламентарни избори, според него, дестабилизацијата на земјата се случува со промена на Законот за албанскиот јазик, со поништувањето на балансерот, со иницијативата за преиспитување на автентичното толкување на хашките предмети…“ – имаше објавено „Слободен печат“, покрај другото.
Дали Ахмети и ДУИ имаат одредена подршка од некои меѓународни фактори во својата намера со протестите да предизвикаат промена на легитимната Влада на Македонија и свое враќање на чело на државата? На 20.9.2024 година поранешниот дипломат и сегашен политички аналитичар Арсим Зеколи во својата колумна со наслов „Година дена без Албанци“ напиша дека „на Мицкоски веќе му е ‘земена мерката’ во НАТО и се чека поволниот момент за ‘кроење на костумот’ во ЕУ“.
Со оваа јавна закана кон премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски Зеколи отвори неколку дилеми. Дали тој искажа свој индивидуален став, неповрзан со планираните протести на ДУИ, или однапред навести нешто, кое се „готви“ во „политичката кујна“ на ДУИ и во одредени меѓународни кругови? Дали станува збор можеби за некакво сценарио да му се случи и на Мицкоски она, што им се случи и на Никола Груевски и на тогашната македонска влада, кога со „Шарената револуција“ беа симнати од власта?!
Дали можеби претстојните протести на Ахмети и на ДУИ ќе бидат своевидна албанска „Шарена револуција“, со некакво и нечие меѓународно спонзорство, со цел да се урне и оваа легитимна Влада на Република Македонија, по вторпат?! Или, сепак, „само“ за „демократска смена“ на оваа Влада на Македонија преку принудно издејствување предвремени парламентарни извори и „легитимно враќање“ на ДУИ и СДСМ на власт?!






