Копретседавачите со конгресната група за македонските Американци во Преставничкиот дом, денес претставија двопартиска резолуција со која се повикува септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство.
Резолуцијата поддржува да се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД, пренесува „Гласот на Америка“
Предлагачите изјавија дека Македонија е значаен стратешки партнер и клучен сојузник на САД на Балканот и оти „со векови, Македонците емигрирале во Америка за да го отфрлат јаремот на комунизмот и да ја прифатат слободата да го остварат американскиот сон“.
Проценките се дека денес има околу 500.000 граѓани со македонско потекло кои живеат во САД, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
„Нивната приказна сега е наша колективна американска приказна бидејќи Македонците Американци низ земјата им возвраќаат на нивните заедници како сопственици на бизниси, избрани функционери и граѓански лидери“, се вели во заедничката изјава.
Двопратиската резолуција вели дека од „1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија“.






