Европската енергетска заедница вети дека ќе го разгледа и испита тврдењето на земјите од Балканот дека од втората половина на јуни па сѐ до 23 септември годинава, иод цената на струјата во регионот е 2 до 3 пати повисока од онаа во Франција и во другите европски земји, пишува „Плусинфо“.
Земјите во регионот побараа и компензација на трошоците од Европската комисија која најави дека ќе го разгледа проблемот и ќе одговори на барањата.
„Највисоки разлики се случија во Албанија и во Романија, а не беа одминати ниту Македонија, Грција, Србија и Словенија. Романија, Бугарија и Грција побараа од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа“, пишува порталот.
Стручната енергетска јавност оцени дека причина за проблемот е „задушувањето“ на европскиот преносен систем поради исклучување на дел од производните капацитети на Украина која од извозник станала увозник на струја.
Од Регулаторната комисија за енергетика која заедно со Министерството за енергетика и рударство алармираа за проблемот, велат дека очекуваат Европската енергетска заедница официјално да ги дефинира и соопшти вистинските причини за појавата која трае 4 месеци…






