Од утре, сабота, започнува примената на Законот за нефер трговски практики, што ќе резултира со 10% намалување на цените на околу 2.500 основни производи како месо, млечни производи, овошје и зеленчук. Поевтинувањето се очекува кон крајот на октомври, кога ќе се исцрпат залихите од претходните договори.
Полни раце работа за инспекцијата која се растрчаа по големите маркети во земјата, со цел да се уловат евентуалните неправилности во работењето, откако стапи на сила владината мерка за ограничување на маржата за 73 производи. На терен има околу 120 инспектори низ целата земја. Први на проверка се големите маркети, а веќе од 26.09 контроли ќе има и во помалите продавници и во бурекџилниците.

Од проверки нема да „куртулат“ ниту продавачите на големо. Но, дел од маркетите сè уште тактизираат со намалувањето на цените. Проверките во дел од нив, вели првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, покажале дека мерката не секаде се почитува. Тој лично бил на терен и увидел дел од неправилностите.
- „Нема да има толеранција за никого. Лично синоќа бев на терен и увидов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката. Апелирам веднаш да ги преземат мерките. Оние кои не ја почитуваат одлуката, ќе бидат казнети, а има можност и за затворање на објекти“, рече Трајковски на прес-конференција во Скопје.
Граѓаните се жалат дека на многу места цените место да се намалат – се поскапени на одредени производи, а забелешки има и за тоа што не секаде е поставен натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе’.
Казните за оние коишто нема да ги почитуваат владините мерки се високи и се движат од 2.000 до 10 илјади евра.

„Граѓаните се жалат дека одредени продукти кои се во одлуката, не се намалени. Одлуката се базира на бруто-профитна маржа од 10% кај трговците на мало и трговците на големо. Ако претходно трговецот на мало одел на бруто-профитна маржа од 6%, тој нема обврска производот да го намали дополнително. Има трговци кои ги зголемиле и над 10%, но има и кои ги задржале цените“, вели Трајковски.





