Претседателката Сиљановска Давкова бара поддршка од САД за разбивање на блокадата во ЕУ

Претседателката Сиљановска Давкова во Њујорк на средба со високиот претставник на американскиот Стејт Департмент за Западен Балкан, Александар Касаноф побарала САД да помогнат во процесот на разбивање на блокада за ЕУ со која се соочува Македонија.



Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк остварила средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова ја потенцирала важноста на стратешкото партнерство и пријателство со САД и изразила очекување за засилување на поддршката од официјален Вашингтон за што побрз почеток на пристапните преговори со ЕУ, стои во соопштението од кабинетот на шефицата на државата.

,,Претседателката Сиљановска Давкова укажа дека во интерес на двете земји и регионот на Западен Балкан е наскоро да бидат отворени првите поглавја во македонските преговори со ЕУ и дека САД ќе имаат конструктивна улога во тој процес, што е важен и поради глобалните безбедносни предизвици”, стои во соопштението.

Претседателката Сиљановска Давкова во разговорот изразила надеж дека Европската Унија ќе почне да ги почитува сопствените одлуки кои укажуваат дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување.

Македонската претседателка го повторила ставот дека по 16 препораки на Европската Комисија за почеток на македонските преговори за членство, ЕУ треба да ги спроведе сопствените правила и да се базира на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во унијата.

Според соопштението американскиот заменик помошник државен секретар Александар Касаноф порачал дека претседателката Силјановска Давкова и владата во Скопје може да сметаат на поддршката од САД во обидот да се пробие блокадата со која што се соочува земјата на патот кон ЕУ.

На средбата Касаноф упатил благодарност за македонската воена и техничка поддршка за Украина која што ја потврдува позицијата на земјата како кредибилна земја партнер на САД и членка на НАТО, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.