Целосно пропаднал јавниот повик за пругата кон Бугарија – и за изведба и за надзор – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во разговор за „360 степени“.



Според Николоски, проектот бил прескап за македонски услови, особено што се работело за „бавна пруга“.

„Првиот проблем е цената. Сиромашна држава како Македонија треба да потроши 560 милиони евра за 24 километри пруга што некаде доаѓа околу 24-25 милиони евра по километар, што ќе се согласите дека е екстремно скапо.

И дополнително, можеби јавноста не знае, не се работи за брза пруга. Се работи за спора пруга. Односно, за пруга од категорија Б каде што брзината е од 60 до 80 километри на час,“ рече Николоски.

На прашањето како ги коментира наводите од Делегацијата на Европската Унија и од Европската инвестициска банка (ЕИБ), кои велат дека дизајнот на проектот е правен од меѓународни консултанти, како и тендерската процедура, и дека сето тоа е работено за да одговара на намената, Николоски рече:

„Ги коментирам на начин што тие не сакаат сами себе да се погазат и не сакаат она што го направиле да речат дека не е добро. Но, не е добро.“

Николоски рече дека единствен начин да се изведе проектот е тој да биде заеднички со Бугарија – во спротивно тој нема намера да распишува нов тендер под услови како досегашните.