Обидот една голема, успешна и по сите параметри моќна банка, да преземе една помала банка во земјава, не успеа. Пропадна обидот за купување на Стопанска банка Битола од страна на Комерцијална банка.
Имено, понудата беше доставена до сите сопственици на обични акции, а понудената цена за една акција изнесуваше 3.200 денари.
Но, таа цена очигледно не била доволно атрактивна за акционерите чии заеднички процент е околу 25 до 26 отсто од капиталот на Стопанска банка Битола, па од тие причини гласале „против“ продажба на акциите, што автоматски направи понудата да не успее, и за неа да гласаат сопствениците на нешто повеќе од 45 отсто или конкретно 45,0548 отсто од акциите, што е всушност помалку од прагот на успешност кој го постави преземачот Комерцијална банка и што направи всушност понудата да не се смета за успешна, пишува Фактор.мк
А, кој гласаше против понудата?
Според информации на Фактор, против прифаќање на понудата биле „Пелистерка“, која е најголем поединечен акционер и која располага со 16,99 отсто од капиталот, како и компаниите акционери кои се поврзани со оваа фирма, а тоа се компанијата „Тимох“, чии пакет изнесува 4,89 отсто од акциите, како и уште една компанија блиска до „Пелистерка“.
Или, тие заедно сочинувале околу 25 до 26 отсто од вкупниот број на акционери.Ако се погледне според бројот на акции и колку пари се нудеа за акција, може да видиме дека „Пелистерка“ всушност пропушти за својот акционерски пакет од околу 17 отсто да инкасира 3,46 милиони евра, додека, пак, „Тимох“ ќе добиеше околу еден милион евра, или конкретно 989 илјади евра.
Самиот акционер ОРКА Холдинг, кој поседува 4,68 отсто од акциите, како и сите други акционери кои се блиски до оваа компанија, а кои исто така поседуваат сериозни пакети, односно до над 45 отсто заеднички со ОРКА, гласале позитивно за понудата. Но, за жал, тоа не било доволно за да се постигне прагот на успешност од 67 отсто.Како што е познато, согласно законските прописи, Комерцијална банка сега нема право во рок од една година да достави нова понуда за преземање на Стопанска банка Битола.
„Но, ние и после една година нема да доставиме понуда, односно тоа нема да се случи никогаш. Таа приказна за нас е завршена. Затоа и на акционерите на Стопанска банка Битоа им посакуваме среќа во натамошното функционирање. Дали можеби за нивната банка ќе добијат понуда од некоја друга банка, можеби и странска, и неа ќе и ја продадат, дали, пак, банката ќе продолжи самостојно да работи, во секој случај им посакуваме среќа“, велат наши извори од сајтот од Комерцијална банка.
Како што е познато, Комерцијална банка од поодамна депонираше на посебна сметка 20,34 милиони евра за купување на Стопанска банка Битола.






