И бурекот треба да поевтини – Пазарна ги „чешла“ трговците

Одлуката за ограничување на профитните маржи на трговците до 10 отсто ги опфаќа и бурекџилниците, појасни денес директорот на Државната пазарна инспекција, Горан Трајковски.

„Имаше такви дилеми, но бурекчилниците се опфатени со одлуката за ограничување на маржата, и тоа според Законот за трговијата, член 3. Денес, инспекторите прават контроли во маркетите, утре се предвидени контроли на трговците на мало и на бурекчилниците, а задутре ќе ги контролираме трговците на големо. Трговците на големо ќе ги контролираме на крајот за да им оставиме време да ги потрошат резервите. Во одлуката за ограничување на маржата влегува и јогуртот“, рече директорот на Инспекторатот, Трајковски.



Во контрола се излезени 40 тима со над 120 инспектори и се прават проверки во маркетите на територијата на целата држава.

Директорот Трајковски порача дека нема да има толеранција и посочи дека казните за оние што не ја почитуваат одлуката за ограничување на профитната маржа се до 10.000 евра, а најави дека за нефер трговски практики ќе одат и со затворање.