Татко, неговите три деца и уште едно женско лице загинаа, а мајката е тешко повредена во стравичен судар денеска околу 13 часот меѓу борбено и патничко возило на магистралниот пат Кралево – Рашка во Србија.
Смртно страдаа возачот Д.Л. (33) и патниците во автомобилот Л.Л. (10), Л.Л. (7), М.Л. (1) и Д.К. (27), а тешки телесни повреди добила М.Л. (32).
Поради постоење основи на сомнение дека сторил тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, полицијата во соработка со Вишото јавно обвинителство од Кралево го приведе возачот М.В. (54), кој го управувал возилото на Војската на Србија, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Нему му е одреден притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде изведен на понатамошна постапка во Вишото јавно обвинителство во Кралево.
„При извршување редовни задачи, борбено возило на ВС, ‘ПАСАРС’ се судрило со цивилно возило. Борбеното возило на Вооружените сили на Србија се движело во правец на Рашка и било во колона под придружба на воената полиција“, соопшти Војската на Србија.
„Патничкиот автомобил беше целосно поклопен од военото возило, целосно згмечен. На местото на настанот излегоа пожарникарско-спасувачки екипи. Тие некако успеаја да го подигнат военото возило и да го преместат. Сцената што нè затекна е страшна, ова е вистинска трагедија“, изјави очевидец.






