„Македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, а национализмите на некои наши соседи, оживотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни ‘гасни’ комори – во нивен идентитетски геноцид. Истребувањето на Македонците е нескриен и траен приоритет на Софија и на Атина.“ – нагласува академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Балканските национализми и Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму Коцарев пишува: Својот нескриен и траен приоритет да ги истребат Македонците Софија и Атина го спроведуваат во праксата: (1) со присвојување на историјата, културата, традицијата, територијата на Македонците, при што се негира правото на Македонците за самоидентификација; (2) со систематско негирање на идентитетот на Македонците, а со тоа и на нивното право да имаат своја историја, територија, држава, црква; (3) со манипулација со автохтоноста, за да се легитимираат експанзионистичките цели и политики; (4) со религиска, етничка и јазична преобразба на Македонците, со цел да се промени историјата на Македонците, па потоа, последователно, да се променат и сегашните државни структури и граници.
Никој не се грижи за македонскиот идентитет, особено не се грижат нашите соседи и нашите стратегиски партнери. Македонскиот идентитет е слоевит и кумулативен: него го сочинуваат словенското културно и јазично битие и впишани во него кодот на македонската античка цивилизација и кодовите на империите, во кои во подолг временски период, живеат Македонците: римската, источната римска. или византиската и отоманската цивилизација. При формирањето на своите национални држави на Балканот и откако ги воспоставија своите уставни начела, балканските народи го одбија македонскиот идентитет како несоодветен.
Како понатаму? Треба да се потпреме самите на себе, да имаме верба во себе и во своите сопствени сили! Македонците денес не се сами, не се изолирани. Ако веруваат во себе, полесно ќе се одбранат од национализмите на нашите соседи и ќе најдат решение за враќање во ОН на името Македонија. Треба да се заштитиме од намерите на нашите соседи да не истребат.
Минатата недела Македонија се соочи со реалноста дека „најситните и отворените проблеми“ меѓу Бугарија и Македонија треба „да се решаваат врз основа на Договорот за добрососедство и соработка, потпишаните, во негови рамки, протоколи и заклучоците од ЕУ од 2022“ и дека „продолжува бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија“. Оттука бугарската позиција во однос на Македонците е непроменета: Македонците се Бугари и до 1945 година тие не постојат.
Ако намерите на Бугарија се јасни, тогаш што им останува друго на Македонците, на македонските политичари? Зарем не е време да веруваме во себе? Зарем не е време гордоста во предизборието да се пројави во послеизборна гордост? Раскинувањето на Договорот со Бугарија е нашето единствено решение за започнување на европскиот пат! Што мислите вие?






