На денешен ден на 21 септември во 1902 година во Велес по нерамната борба со турската војска се самоубил македонскиот револуционер и војвода на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО) Миле Поп Јорданов. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, си го става револверот на слепоочницата и си го одзема животот. По својата херојска смрт тој уште веднаш преминува во бесмртноста и станува една од револуционерните легенди во колективното паметење на македонскиот народ. Според една верзија, тој се самоубил на 21 септември 1902 година (според некои извори во 1901-ва), а според друга верзија на 23 декември, во родниот Велес. Миле Поп Јорданов или Миле Попјорданов (Велес, 1879 – Велес, 21 септември 1902) е учесник во македонското револуционерно движење, член, секретар и војвода на ТМОРО, просветен деец и брат на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов-Орцето. Во негова чест е испеана познатата народна песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која денес е официјална химна на градот Велес.
Семејство и револуционерна дејност
Милан Поп Јорданов е роден во 1879 година како најстар син во семејството на чорбаџијата Ѓошо и Султана Поп Јорданови во Велес. Сестрата на Миле Павлина Поп Јорданова била омажена со братот на истакнатиот македонски револуционер и член на Гемиџиите Павел Шатев. И покрај тоа што е син на чорбаџија, Миле Поп Јорданов не може да гледа како страда обичниот народ под ропството на Турците. Миле и Ордан биле под големо влијание на Француската револуција. На крајот од 19 век сите балкански држави се ослободиле, само Македонија останала под турско ропство, но браќата Миле и Ордан, ученици на Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“ не можеле да се помират со ваквата состојба. Како интелектуалци биле задоени со идејата за самостојна држава.
Миле се школувал во битолската неполна машка гимназија и Духовната богословија во Цариград. Иако по желбата на својот татко е запишан на богословијата во Цариград, за да биде свештеник, Миле е исклучен од богословијата, поради своите напредни идеи, бунтовничкиот менталитет и револуционерната активност. Тој се посветил на учителскиот позив во Горно и Долно Чичево, Велешко, како и во Дедино, Радовишко и други места. Како активист во револуционерната организација се вклучил во реонската чета, која дејствувала во Радовишко и активно се среќава со Гоце Делчев. Бил секретар при четата на Алексо Поројлијата, а поради арамискиот нарав војводата бил сменет и војводскиот чин Гоце Делчев му го дал на Милан Поп Јорданов.
Херојска смрт
Во текот на 1902 година Миле Поп Јорданов се разболува и се враќа со тројца другари од својата чета во Велес, за да закрепне. Но не успева во тоа, оти е наклеветен од велешкиот шпион Тасе Коцкарот. Кога му пренесуваат дека е предаден со тројцата другари, ноќта низ темните сокаци се обидува да го напушти Велес. Со тројцата другари го минат дрвениот мост на реката Вардар, за да се упатат кон Штип. Но, кај општинското училиште имало поставено турски аскер, при што дошло до жестока престрелка.
Во таквите околности Поп Јорданов наредува тројцата другари да се повлекуваат и тој почнува сам да пука накај војската сè додека има муниција. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, си го става револверот на слепоочницата и си го одзема животот. Турскиот командант наредил телото на мртвиот војвода да се истакне на улиците на Велес и тие што ќе го препознаат мртвиот да се заробат. Сите, кои минувале, биле со наведнати глави и молчеле, иако знаеле кој е убиениот. Единствено сестрата на Миле не успеала да дотрае и вриснала на целиот глас кога го видела телото на својот брат.
Погребан е на гробиштата на црквата Свети Пантелејмон во Велес. За време на комунизмот многу години гробот на Поп Јорданов беше оставен на забот на времето и заборавот. На почетокот на 90-те години од минатиот век на иницијатива и во организација на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велес гробот е возобновен и на тој начин достоинствено му е оддадена почит на велешкиот борец, кој го даде својот живот за слободата на својот намачен и поробен македонски народ.
Во народното творештво
Во негова чест е испеана познатата народна песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која, според Коста Црнушанов, е создадена брзо по смртта на Миле. Според други, таа била испеана уште на погребот. На 26 април 2006 година Советот на Општина Велес ја прогласил песната како официјална химна на градот Велес. Иако во песната се пее „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, тој загинал во борба. Во најраната верзија се пеело: Бог да го прости Миле Поп Јорданов / Како ми е легнал, нема да ми стане. Зборовите од песната се овековечени на надгробната плоча на Миле Поп Јорданов.
Песната „Болен ми ми лежи Миле Поп Јорданов“ на јутуб






