Иако самите скандалозно провоцираа, неистакнувајќи македонско знаме, за бугарското МНР „Р*М провоцира, за да го уништи дијалогот“?!

Министерството за надворешни работи на Бугарија информира дека нивните стратегиски партнери се известени за провокациите од * Македонија, кои се со цел да се уништи дијалогот „Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на функционери од * Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив тон. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на * Македонија“ – посочува бугарското Министерство за надворешни работи.



Инаку, претседателката Гордана Силјановска-Давкова минатата недела беше во посета на Бугарија и се сретна со шефот на државата Румен Радев. Отсуството на државното знаме на Македонија на заедничката фотографија на двајцата претседатели предизвика жестоки реакции во македонската јавноста и беше оквалификувано како „скандал на највисоко државно рамниште од страна на Бугарија“. Дури, во коментари на одделни македонски експерти, дипломати и политички аналитичари потегот на бугарската страна да постави две бугарски државни знамиња, а да нема ниедно македонско државно знаме покрај претседателката Сиљановска-Давкова, беше означен како  „најдрска и нималку случајна провокација на Бугарите, за да нѐ омаловажат и да ни покажат кој е господарот на македонската судбина“!

„Постоеше неусогласеност меѓу договорениот протокол и тоа што се случи во пракса. Очекуваме извинување од бугарска страна за изоставеното македонско знаме.“ – изјави македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски. Министерството за надворешни работи на Македонија му изразило на бугарскиот амбасадор Желјаско Радуков, кој бил повикан на разговор, „загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели“.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека „сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме“. „Во минатото кога се понижуваше и се распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше грбникот и се согласуваа со оние, што нѐ понижуваа и што нѐ газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска политика со свиткан грбник. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што тој исклучок потоа ќе стане пракса, ако не се реагира.“ – рече Мицкоски.

Во врска со отсуството на државното знаме за време на средбата со Радев во Софија претседателката на Македонија Сиљановска-Давкова во гостувањето во ТВ Сител рече дека одлучила оти е подобро да не прави скандал.

„Јас ги знам протоколарните правила на Бугарија, ги знам и на многу други држави. Знам дека домаќинот го утврдува протоколот, знам дека имало примери кога доаѓале и други државници, меѓутоа не биле истакнати државните симболи. Но, она што мене ме зачуди и не мислам дека беше сторено намерно, е зошто не бев информирана за тоа. Последниот договор бил дека ќе има слика од лице-в-лице средбата, се разбира од ручекот нема да има слика, но не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се вршат фотографирањата. Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и оти тој греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал.“ – рече Сиљановска-Давкова.