Оправдувањето за неистакнувањето на македонското знаме при фотографирањето на претседателите Румен Радев и Гордана Силјановска-Давкова во Софија со неофицијалниот карактер на посетата на шефицата на македонската држава го користи и поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Ивајло Калфин.



„Северна Македонија прави проблем од ситница. И претседателката, и Владата почнаа доста остро. Не е задолжително истакнување на нивното знаме при неофицијална посета“, изјави Калфин за бугарската комерцијална телевизија БТВ и додаде дека Бугарија нема за што да ѝ се извинува на Македонија.

„Бугарија има договор со својот сосед, ние сме во добра позиција“, истакна тој.

Според него, факт е дека постои тензија меѓу Бугарија и Македонија.

„За Бугарија е важно да има добри односи со соседите, но на Балканот се користат национални теми за да се направи изборна кампања“, заклучува Калфин, кој беше вицепремиер и шеф на дипломатијата на Бугарија од 2005 до 2009 година во Владата на Сергеј Станишев, потоа европратеник, па од 2014 до 2016 година одново потпретседател на Владата и министер за труд и социјална политика во кабинетот на Бојко Борисов.