Димитар Стојанов, советник на бугарскиот претседател Румен Радев, го објаснува отсуството на македонското знаме од фотографирањето на неговиот шеф со колешката од Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, со неофицијалниот карактер на средбата во Софија.
„Посетата на претседателката на Република Северна Македонија на нашата земја беше по повод културен настан – не беше ниту државна ниту работна. Поради оваа причина, македонското знаме не беше ставено во салата на претседателството, бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол“, објасни Стојанов за Бугарската национална телевизија (БНТ).
„Не би сакал да зборувам за провокација во овој случај додека бараме чекор напред во развојот на нашите односи. Да се мешаат знамиња во оваа ситуација не е коректно. Треба ли да разбераме дека, ако државник од соседна земја дојде да пие кафе во Бугарија, треба да му ставиме знамиња во локалот? Непотребно заострување на состојбата“, коментира поранешниот технички министер за одбрана.
Тој посочи дека средбата меѓу Радев и Силјановска-Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идните државни посети на Македонија и на Бугарија и сето тоа Стојанов го оценува како чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.





