Се крчка механизам за импичмент на градоначалниците

Тим од актуелни градоначалници предводен од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, работи на законски измени со кои на граѓаните ќе им се врати можноста на локален референдум да ги отповикаат првите луѓе во општините, кои во моментов се единствени функционери кои се неменливи.



Градоначалник да може да се смени и со локален референдум, а не само на избори. На изнаоѓање ваков механизам во моментов работи тим од актуелни градоначалници предводен од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, кој важи за сериозен претендент за кандидат за градоначалник на Скопје на наредните локални избори кои ќе се одржат во октомври следната година, објави Плусинфо. Ѓоргиевски открива дека се крчкаат измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се воведе можност градоначалникот да биде сменет пред да му истече мандатот.

Ако некој е избран, како што сум бил избран јас, не значи дека може 4 години да спие и да не работи, земајќи ја предвид состојбата дека не постои законска регулатива за некој да го симне од функцијата. Преголема е моќта на градоначалниците, на оние коишто ги водат општините, но пред сè, сите сме избрани од граѓаните. Сè почнува и сѐ завршува со граѓаните. Мора да има механизам, според кој ќе може и порано некој да одлучи за вашиот мандат – изјави Ѓоргиевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Конфликтот со Данела ги инспирира барањата за промени

Целта на законските измени е, како што посочува тој, на граѓаните да им се врати можноста активно да учествуваат во одлуките што ги засегаат нивните животи, затоа што сега градоначалниците буквално можат да ги преспијат мандатите без реална одговорност и отчетност за нивното неработење или лошо работење.

За ова најдобро говорат последиците од конфликтот што го имаат дел од советниците со скопската градоначалничка Данела Арсовска, кој им предизвика реални главоболки на скопјани: валкани улици, неискосени паркови, преполнети контејнери, нефункционален јавен превоз.

Градоначалниците на скопските општини веќе побараа од Владата да ѝ ги одземе ингеренциите на Арсовска за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, ветувајќи дека тие ќе се погрижат за хигиената и за парковите, но министерот за локална самоуправа Златко Перински тогаш изјави дека не постои законска можност за преземање на претпријатијата.

Сепак, тој уште тогаш најави дека ново законско решение за локалната самоуправа е меѓу приоритетните за изработка и е ставено во акцискиот план за работа за следната година.

Време е да изработиме нов закон за локална самоуправа, во кој ќе биде предвиден механизам за отповикување градоначалник од чија работа избирачите не се задоволни. Секако, претходно ќе има широка јавна расправа во која ќе го слушнеме мислењето, пред сè, на граѓаните, на градоначалниците, на ЗЕЛС итн. Ќе ги сослушаме и сите експерти, ќе ги разгледаме решенијата од соседните земји. Целта е да се донесе современо законско решение за локалната самоуправа, актуелниот закон е стар, од 2002 година – изјави министерот.