Шангај погоден од страшен тајфун – најсилен од 1949 година

Тајфунот Бебинка го погоди Шангај со речиси 25 милиони жители околу 7:30 часот по локално време, објавија државните медиуми, што го прави најсилното невреме што го погодило Шангај од тајфунот Глорија во 1949 година.



Властите издадоа црвено предупредување поради Бебинка, а ударите на ветерот достигнаа и до 151 км на час.

Дождот го зафати градот и силните ветрови соборија повеќе од 10.000 дрвја низ Шангај, додека повеќе од 400.000 луѓе биле евакуирани од своите домови.

Откажани се сите летови на двата главни аеродроми во градот. Тајфунот Бебинка е најсилната бура што го погодила Шангај во последните 75 години, јавуваат кинеските државни медиуми.

Реткост е Шангај да биде погоден од силни тајфуни, имајќи предвид дека тие имаат тенденција да паѓаат на копно појужно во земјата, пишува Би-би-си.

Железничкиот сообраќај бил привремено затворен, а на 25 милиони жители на Шангај им беше препорачано да останат дома пред пристигнувањето на бурата. На патиштата во градот беше поставено и ограничување на брзината од 40 километри на час.

Како мерка на претпазливост, повеќе од 400.000 луѓе биле преместени до вчера вечерта, според центарот за контрола на поплавите во Шангај.

Уште 9.000 луѓе се евакуирани од округот Чонгминг, остров на устието на реката Јангце, соопштија градските власти.

Градскиот центар за контрола на поплави, исто така, соопшти дека добил десетици извештаи за инциденти поврзани со тајфунот – главно соборени дрвја и плакати.

Одморалиштата во Шангај, вклучително и Шангај Дизни ресорт, забавниот парк Џинџијанг и паркот за диви животни во Шангај, се привремено затворени, а многу фериботи се исто така во прекин.