Спас Ташев од Бугарската академија на науките (БАН) ја оцени позитивно „културната дипломатија“ на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која го искористи гостувањето на Македонската опера и балет во Софија за неофицијална средба со својот бугарски колега Румен Радев.



„Ова беше прва средба по изборот на новиот претседател на РСМ. Секој дијалог е навистина добредојден. Од оваа гледна точка, треба да му честитаме на претседателот на РСМ за оваа иницијатива, дури и за неофицијалната средба со бугарскиот претседател, но тука завршуваат добрите констатации. Оттука натаму попрво следуваат многу прашања и непријатни заклучоци врз основа на анализите“, коментира Ташев за телевизијата Бугарија он ер.

Според него, еден од клучните моменти на средбата била изјавата на Силјановска дека од неа не зависи вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија.

„Ја разграничуваме функцијата Претседател од функцијата Влада“, додава Ташев, нагласувајќи дека бугарската страна се надева на позитивен пристап и од македонската влада. Дали тоа ќе се случи, останува прашање, бидејќи, според Ташев, сигналите од Скопје се „контрадикторни“.