Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе биде во посета на Република Бугарија. Како што најавија од нејзиниот кабинет, Сиљановска Давкова во Софија ќе се сретне со бугарскиот претседател Румен Радев и ќе присуствува на настапот на Македонската национална опера и балет, која ќе ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Софиската опера и балет. „Во рамки на 52. Мајски оперски вечери претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на настапот на Софиската опера и балет во Скопје. При тоа таа ја нагласи важноста и моќта на културната дипломатија како нераскинлив дел од меѓународната дејност.“ – се наведува во соопштението.
Сиљановска-Давкова денеска ги прими нерезидентните амбасадори на Мароко Закиа Ел Мидауи, на Египет Надер Саад, на Кувајт Гази Хамед Алфадли, на Монголија Сајанаа Лхагвасурен, на Грузија Отар Бердзенишвили, на Молдавија Анатол Чебук, на Куба Мариета Гарсија Хордан, на Индија Санџај Рана, како и Пакистан Модсар Чаудaри, кои се со седиште во бугарскиот главен град Софија.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова ја истакна посветеноста на Македонија за зајакнување на дипломатските односи со секоја од државите, како на двостран, така и на повеќестран план. Таа ги претстави сегашните состојби во Македонија по одржаните претседателски и парламентарни избори, приоритетите во поглед на реформскиот процес, економскиот развој и надворешно-политичките односи. Во тој контекст Сиљановска-Давкова посочи на членството во НАТО и европската интеграција како клучни аспекти во надворешната политика на Македонија.
Во врска со интеграцијата во Европската Унија претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија продолжува да презема значајни чекори кон полноправно членство во ЕУ и оти тоа останува стратегиски македонски приоритет, оценувајќи дека нашата интеграција кон ЕУ е сложена и вклучува различни аспекти. „Очекуваме јасна потврда од Европската Унија за нејзината посветеност на проширувањето кон Западниот Балкан, слично на ставот, искажан на Самитот во Солун. Билатерализацијата на европскиот процес нема да биде од корист никому и ќе им служи на интересите на трети земји со различни цели на Западниот Балкан.“ – укажа претседателката на Македонија Сиљановска-Давкова.
Home Македонија Претседателката на Македонија Сиљановска-Давкова утре во Бугарија, најавена средба со претседателот Румен...






