Чепишевска: Треба да продолжи исчитувањето на делото на Конески како тестамент, за да не заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски!

Исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи. Така нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски!“ – порача проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска на свеченоста, на која Културно-едукативниот центар „Небрегово“ ѝ го додели  признанието „Зборот на Конески“ за 2024 година во спомен-домот „Блаже Конески“. Ова го објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму „Нова Македонија“ пишува: „Од 2021 година па наваму кога ќе го употребам изразот ‘Конески како тестамент’, не еднаш следи прашањето: Зошто Конески како тестамент? Што пишува во неговиот тестамент? Дури некои негодуваа на поврзувањето на Конески со самиот збор  ‘тестамент’, бидејќи тој немал напишано, или не знаеме дека напишал тестамент, во кој го ‘распределува’ наследството. На тоа секако следи мојата реакција со зачуденост: дали од „патријархот на македонското слово“, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас Конески, од човекот со тестаментално дело за севкупната македонска култура, треба да се очекува својот тестамент да го запише во некаков правен акт, а не во своите поетски, есеистички и научни текстови?“ – укажа Мојсова-Чепишевска во својата реч.

Таа вели дека „одговара на тоа со противпрашање“: „Нели напишаните и/или објавени текстови на културните дејци се со тестаментални пораки? Книжевната и културната историја нè учат дека е така.“

„Кога со возбуда го примам признанието’Зборот на Конески’ чувствувам потреба уште еднаш да кажам зошто исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи. Зашто на тој начин нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски! Овој негов аманет во годините наназад и мене ме натера колку е можно повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени делови од неговото творештво. Сега ме интересира потребата со нови исчитувања да ‘гребеме’ по неговото творештво, за да дојдеме, како што вели тој во песната ‘Планина’ – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески токму до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот, суштински слој и на македонската душа… Затоа што и врежаното во таа душа е на македонски јазик. Затоа што врежаното е токму зборот на Конески.“ – истакна Мојсова-Чепишевска.