„Седум кандидати се пријавиле на огласот за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители што заврши вчера. Меѓу пријавените е и Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, која во периодот 2016-2019 заедно со Катица Јанева стана позната како една од трите главни обвинителки во Специјалното јавно обвинителство.“ – дознава информативниот портал „МКД.мк“.
Натаму, порталот пишува: На конкурсот за директор на Академијата за судии и јавни обвинители пријавен е и Андреј Димовски, судија во граѓанскиот Суд во Скопје. Тој и во декември 2022 година беше кандидат за директор на Академијата, но не ја доби поддршката од Управниот одбор. Пријавен е и Ненад Савески, сегашен судија во Кривичниот суд во Скопје, кој претходно неколку години работел како обвинител во ЈО Гостивар, и исто така во 2022 година бил кандидат за директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Кандидатка е и сегашната судијка во Кривичниот суд во Скопје Оља Ристова, која во декември 2023 година пред Врховниот суд ја обжали одлуката на Судскиот совет да не ја поддржи нејзината кандидатура за судија во скопската Апелација.
Директорка на Академијата за судии и јавни обвинители сака да биде и Едита Насковска, судијка во Управниот суд во Скопје, која во 2016 година беше дел од листата на тројцата кандидати за можни членови во Судот за човекови права при Советот на Европа во Стразбург. На конкурсот пријава поднела и Спасенка Андонова, обвинителка од ЈО Скопје која е и потпретседател на Здружението на јавни обвинители. И Ирина Трајкоска Стрезоски, обвинителка од Вишото јавно обвинителство во Битола, која исто така од 2022 година е потпретседател на Здружението на јавни обвинители, е кандидат за директорка на АСЈО.
Во јули годинава долгогодишната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска поднесе неотповиклива оставка, откако Управниот и Вишиот управен суд, по иницијатива на тогашниот кандидат за претседател професорката Сиљаноска-Давкова, одлучи дека полагањето на испитите за вработување на 130 слушатели во Академијата биле вршени спротивно на Изборниот законик. Потоа Управниот одбор на Академијата за судии распиша оглас за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители со рок за пријавување кој заврши вчера.
Кој ќе биде избран за нов директор на Академијата ќе одлучи нејзиниот Управен одбор со мнозинство гласови, а одлуката се очекува да биде донесена до крајот на месецов. На чело на Управниот одбор на Академијата е Беким Мехмеди, кој во судството ја извршува функцијата претседател на Апелацискиот суд во Гостивар. Според законот, оној кој ќе биде избран за директор на Академијата ќе има мандат во траење од четири години.






