Во Винскиот музеј на Град Кавадарци се чува шише вино старо безмалку 100 години. Тоа е подарок од семејството Велкови, произведено 1926 година, кое е меѓу бројните експонати, објави СДК.
- „Семејството Велкови поседува повеќе такви примероци и едно ни даде нам за чување и експонат за гостите. Тоа е бело вино“, вели Томе Крстевски, виш кустос-етнолог во Музејот на Град Кавадарци.

Виното е сместено во т. н. вински подрум од зградата на Музејот, каде има повеќе предмети кои зборуваат за развојот на лозарството и винарството во Тиквешијата. Има предмети кои датираат од 2. век п.н.е. кои се прилог дека уште тогаш на овие простори се произведувало вино.
Повеќето предмети и експонати се подарок од првата приватна винарија на Балканот, формирана во Кавадарци од фамилијата Велкови во 1885, која произведувала вино и ракија.

- „Има примероци кои датираат од крајот на 19. и од почетокот на 20. век. Сите се од семејството Велкови. Тоа е пумпа за преточување течност од сад во сад, преса за пресирање грозје и добивање гроздов сок, потоа муљач, што сега е машина за мелење, а тогаш го викале „ламја“ бидејќи собирала еден кош грозје“, вели Крстевски.
Домаќините велат дека просторот е многу посетен, оти го доловува подрумот од еден дом во Тиквешијата кој одгледува грозје и произведува ракија или вино. Подрумот е изработен од природни материјали, како глина, кал, слама и трска и е дело на ликовниот уметник од Кавадарци, Ристо Соколов-Сокол.






