Се токми ново ограничување на цените на храната која нема ден, а нешто да нема нова, повисока цена. Токму затоа, Владата размислува за замрзнување на цените на прехранбените производи откако се виде дека трговците не се подготвени да почнат да го применуваат Законот за нефер трговски практики од 28 септември. Дел од нив изјавија дека е краток периодот за да се приспособат на Законот со кој треба да се намалат профитните маржи на над 2.500 производи на максимум 10 отсто. Тие сметаат дека треба да почне да се применува Законот кога ќе заврши календарската година, кога се прават годишните договори, за да имаат доволно време за имплементирање.

Ставот на набавувачите и на производителите е дека е потребно повеќе време за да се информираат и за да се прецизираат некои одредби од Законот. Економистите се скептични дека ќе се стави ред со цените во маркетите, со Законот со кој се намалуваат маржите. Тие сметаат дека оние што заработуваат, нема лесно да се откажат од овие пари.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши само навести дека иницијативата ги опфаќа сите домашни земјоделски производи и ќе се следи за усогласеност.
- Претходната влада лани во септември ги ограничи цените на оризот, брашното, лебот и на други пекарски производи, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни производи. Ограничување на цените имаше и на негазирани и газирани пијалаци. Првично беше со важност до крајот на јануари, но беше продолжена до март, вели тој.

Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски рече дека сè уште не го добил писмото од претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, со кое тој бара промени и одложување на примената на Законот за нефер трговски практики, но остава можност да биде прифатено доколку, како што рече, постојат објективни причини, со цел Законот да биде спроведен како што треба.
Од бизнисот велат дека се свесни оти мора да почне да се применува Законот, но се согласуваат околу фактот дека треба да се прецизираат некои одредби од него и дека треба време за тоа. Сметаат дека доколку е потребно, треба да се одложи неговата примена.





