Филипче: Нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност

Денешниот 8 Септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност, напиша претседателот на СДСМ Венко Филипче.



-Нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност. Пред нас се моменти кога мораме да го зачуваме она што е стекнато со многу труд – демократијата.

Во изминатите 33 години, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена.

Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет.

Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок.

Во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.

Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок, напиша Филипче.