Со пригодна свеченост, Македонците од Австралија вчера во просториите на македонската амбасада во Канбера го одбележаа 8-ми септември.



„Почитувани сонародници, уважени гости, драги пријатели, дозволете да го изразам моето огромно задоволство и чест што денеска сум Ваш домаќин на приемот по повод Денот на независноста на Македонија – им се обрати амбасадорката Билјана Стефановска Сековска на нашинците од Канбера но и на Макдонците-иселеници кои по повод празникот допатуваа од Сиднеј, Волонгонг…

„Радоста е уште поголема бидејќи празникот го одбележуваме токму со вас, македонските сонародници во Австралија. Велат, духовно и културно побогати се луѓето кои имаат две татковини – сегашната во која живеат и онаа од која потекнуваат, бидејќи ја имаат привилегијата да бидат барем едно вградено камче во мостот кој ги поврзува двете нации, општества и традиции. Македонската заедница во Австралија со децении е “modus vivendi“ на блиската поврзаност помеѓу двете далечни држави, таа е незаобиколна алка во ланецот на меѓусебната соработка.

(…)

Токму нашата дијаспора е клучен чинител во релациите помеѓу Македонија и Австралија. Ние како Амбасада сме горди што секој Македонец на овој континент ја има улогата и на амбасадор на македонската култура, јазик, обичаи и традиција. Со секој напишан збор, со секоја испеана песна или изиграно оро, секој од нив станува дел од мозаикот кој ги врзува нашите пријателски држави.

Само на овој начин, разликите може да ги направиме помали и неважни, а нишките кои не спојуваат – повидливи и уште подлабоки“ рече во обраќањето амбасадорката Стефановска Сековска.

На свеченоста меѓу присутните беше и поранешниот пејач на популарната група „Куку леле“, Стив Кировски.