Штетата од пожарите летово се проценува на околу 1,5 милијарди денари. Но, последиците од кражбите на шумскиот фонд се далеку поголеми, пишува Дојче веле.



„По големите огнени стихии коишто нанесоа огромна штета на македонските шуми, есенва се заканува нова опасност. Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумите и да го продадат пред почетокот на зимата. Кубик дрва последниве години почна да вреди како „чисто злато“.

Повеќето домаќинства се загреваат се уште на дрва или пелети, што е дополнителен поттик за дрвокрадците и препродавачите за дебела заработка секоја зима.

Изминатата недела во неколку акции беа запленети камиони полни со огревни нежигосани дрва. Вработени во Национални шуми велат дека станува збор за добро разработена шема која што фунционира со години наназад.

Со оглед на тоа дека се огромни пари во игра, во ланецот се вклучени речиси сите институции“ пишува Дојче веле.