Јаневска: Воведувањето на едносменската настава е со цел учениците да стекнуваат на различни начини повеќе знаење

Bоведувањето на едносменско работење на училиштата, таму каде што е можно е дел од реформата во образованието, а целта е учениците да бидат подолго во училиштата, за да стекнуваат на различни начини што повеќе знаење, истакна денеска Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во Скопје, која одговараше на новинарско прашање за воведување на едносменската настава во основните и средните училишта во земјава.



Таа додаде дека оваа реформа е и за наставниците да станат функционални во корист на знаењето, компетенциите и вештините на учениците.

Ова е цела една Стратегија. Општо е познато дека ние во земјава имаме вишок на наставници, а се помалку деца. Но, не велиме дека тие се вишок, оти нас ни требаат наставниците, за да го подигнат квалитетот на знаењето. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања и домашните тестирања покажуваат дека нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа, каде што ние се стремиме, рече Јаневска.

Министерката за образование и наука, Јаневска појаснува дека учениците кои ќе следат едносменска настава нема цел ден да бидат над книгата, туку целта е интерактивно да го совладаат материјалот.

Ако имаат домашна, истражување, проектна задача да го завршат тоа, да имаат многу спорт, да имаат многу информатика, да имаат претприемништво, да имаат физичко. Значи се она што им е потребно за реално да влезат во животот, за којшто се подготвуваат. Но и да научат критичко мислење, она што им недостасува на нашите деца, да научат решавање на проблеми, препознавање на проблеми од типот на булинг, препознавање и прифаќање на различностите, појасни Јаневска.

Министерката за образование и наука истакна дека досегашниот образовен систем не го овозможува сето ова.

Јаневска вели престојот на децата во училиштата нема да им биде тежок, бидејќи освен настава ќе имаат разговори и слободно време. -Значи не е ништо страшно.

Таму каде што има услови започнуваме со оваа реформа.