СИРИЗА лута на Фидан што во Македонија ја именувал Македонија како – Македонија

Најголемата опозициска партија во Грција, СИРИЗА, го крена гласот против министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, кој на вчерашната прес-конференција во Скопје за посетата на Македонија, покрај со „Северна“, ја нарекувал државата-домаќин и само Македонија.



Партијата го обвини Фидан за прекршување на Преспанскиот договор, оценувајќи дека „овој провокативен турски став не е случаен“.

„Дури индикативно е тоа што посетата на турскиот министер за надворешни работи е насочена кон зајакнување на стратешките односи со Северна Македонија, а од друга страна владеачката Нова демократија не се грижи за развој на билатералните стратешки односи и улогата на Грција во соседството, преку ратификување на меморандуми, потпишување нови и пристапување кон приближување за стратешка соработка, при што сега се евидентни ефектите врз нашите национални интереси“, се вели во соопштението на СИРИЗА, која го повика премиерот Кирјакос Мицотакис „да преземе соодветни дипломатски протести и демарши, со цел Турција конечно да се помири со меѓународното право и со реалноста“.

„Соработката, пријателството и сојузништвото со Македонија го цениме многу“, е делот од изјавата на Фидан што ја изнервира партијата, чиј тогашен лидер Алексис Ципрас го прифати Договорот од Нивици, кој го потпиша тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас.