Изедначувајќи ги македонскиот и албанскиот, Законот за јазици се коси со Уставот и со Рамковниот договор, смета Каракамишева

Како потписник на една од 13 иницијативи, заедно со 14 универзитетски професори, за преиспитување на Законот за употреба на јазиците, професорката по уставно право Тања Каракамишева ја поздравува одлуката на Уставниот суд по пет години конечно да се произнесе за неговата уставност.



„Овој закон, практично, ги изедначува македонскиот и албанскиот јазик во примената на целата територија, а во некои елементи и во меѓународните односи. Со ова, Законот го прекршува амандманот 5 на Уставот, во кој јасно е наведено дека македонскиот јазик е задолжителен за сите, а другите јазици што ги зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните се факултативни и треба да дејствуваат во уставно утврдените рамки. Во амандманот 5 пишува ‘може’, а не ‘мора’ да се употребува друг јазик различен од македонскиот, како што пропишува Законот“, објасни Каракамишева за Канал 5.

Како спорни елементи во Законот ги наведува и одредбите за воведување двојазнични униформи, за парите, како и паричните казни предвидени во случај на неупотреба на албанскиот во државните институции.

„Примената на албанскиот јазик во институционалната практика под закана на глоби е спротивно на меѓународната јазична легислатива и практика, како и на Уставот на Република Македонија. Спорна е двојазичноста на униформите на полицајците, на пожарникарите и на здравствените работници. Амандманот 5 на Уставот може да важи за вработените во локалните, а не во државните институции, исто и одредбите за книжните и за кованите пари, како и за поштенските марки“, дополни поранешната членка на Венециската комисија, која уште во 2019 година побара Законот да биде допрецизиран и доработен, а тогашната Влада на Зоран Заев вети, но не ги спроведе забелешките на Комисијата.