„Треба да напредуваме кон ЕУ, но и да си ги зачуваме државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата!“

„Интересите на државата секогаш треба да бидат во прв план, без оглед на утврдените стратегиски цели. Не може странски држави да ни ги диктираат политиките. Наша стратегиска цел е ЕУ, но и наш стратегиски интерес е да си ги зачуваме државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата, а во исто време внатрешно да ја средиме државата и да ја направиме попристојно место за живеење. Треба да напредуваме кон поставената цел, но без да ги загрозуваме државните интереси и да се пазариме со нив.“ – се наведува во анализата на новинарот Сашо Таневски со наслов „Откажувањето од сопствените интереси првенствено значи одрекување од нацијата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натам, во анализата се истакнува: Политичарите, што ја предводеа Македонија изминатите години, сметаа дека остварувањето на нашите стратегиски цели, членството во НАТО и во Европската Унија, нема никаква алтернатива и оти за таквата цел вреди на маса да се стават и највисоките државни интереси, како името на државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ. Тоа водеше кон општествена рамнодушност и замор, при што македонските граѓани целосно ги загубија ентузијазмот и вербата во европската иднина, затоа што оние, што ги предводеа, не ја препознаа желбата на граѓаните да бидат дел од Европа, но достоинствено, без да бидат понижувани и уценувани за работи, за кои ниедна друга држава не ни помислува да ги спомене, а камоли да разговара.

И ЕУ и НАТО ги гледаат своите интереси

Според поранешни дипломати, аналитичари, претставници на невладиниот сектор, сите оние досега, што управувале со државата, многу повеќе воделе сметка да им излезат во пресрет на меѓународните претставници, отколку што се грижеле за зачувување на националните интереси. „Со години постоеше слепа послушност кон Брисел и Вашингтон дека сѐ, што тие ни кажуваат, е најдобро за нас и оти тоа го гарантира нашиот напредок. Тоа го правеа затоа што тоа беше нивен интерес, да ја прошират својата сфера на влијание и врз овие простори. За задоволување на тој нивен интерес плативме и продолжуваме да плаќаме исклучително висока цена. Со години им ја продаваа на граѓаните приказната дека ЕУ ќе нѐ храни, а НАТО ќе нѐ брани само за да останат на власт. Цената за останување на власт беше да се задоволуваат исклучиво странските интереси. Затоа се најдовме во противречна  ситуација: од една страна, наш национален интерес да биде членство во НАТО, а, од друга страна, да го загрозиме највредното, да го жртвуваме вековното име на државата. Сега истото тоа ни се случува и со ЕУ. Наш национален интерес е достоинствено и со зачуван идентитет, јазик и историја да бидеме рамноправен дел од ЕУ, а интерес на Унијата е да ги задоволи барањата на една своја членка, која бара да се откажеме од идентитетот, јазикот и историјата.“ – велат соговорниците.

„Народот кажа дека сака на чело на државата да има одговорни луѓе, што националните интереси ќе ги стават пред сите други. Не може странски држави да ни ги диктираат политиките, мора ние да покажеме карактер, дека сме способни да си ги браниме сопствените интереси. Сега има нови власти и клучно е да не ги продолжуваат политиките од претходно. Наша стратегиска цел е ЕУ, но и наш стратегиски интерес е да си ги зачуваме државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата, а во исто време внатрешно да ја средиме и да ја направиме попристојно место за живеење.“ – заклучуваат соговорниците на „Нова Македонија“.

Целата анализа тука