Владата ќе работи со општина Тетово на дефинирање на проектот за изградба на патот Тетово-Призрен. Министерот за транспорт Александар Николовски изјави дека е потребно да се направи проект за да се види дали има потреба од промена на основниот план.
„Потребно е да се направи проект и кога ќе го направиме проектот мора да видиме која е вистинската вредност на тој пат, дали ќе може да се реализира онака како што беше предвидено и ако е можно да се реализира“, изјави Николовски, пренесува Алсат.
Со новиот пат, растојанието меѓу овие два града ќе се скрати значително.
Институциите во Косово веќе ја почнаа изградбата на патот од нивна страна што треба да ги поврзе двата града. Првичниот план, меѓу другото, предвидуваше тунел од 6 километри.
Цената на проектот се очекува да биде околу 200 милиони евра. Владата на
Косово неколку пати апелираше да нема застој во изградбата на патот од македонска страна.
Во меѓувреме, официјални лица во Скопје и Приштина разговараат и за друга можна инфраструктурна врска.
Николовски бара сериозна заложба од Владата на Косово да инвестира во железничко поврзување со Скопје а со тоа и со – Солун.






