Уставниот судија Кадриу: Уставниот суд може да укине некои одредби од Законот за јазици, но и да оцени оти е целосно уставен!

„Законот за употреба на јазиците има уставна основа. Но, не е исклучена можноста да бидат поништени некои одредби од овој закон.“ – нагласува уставниот судија Осман Кадриу во интервју за ТВ Клан Македонија.



Пренесувајќи ги нагласките од ова интервју, ТВ Клан Македонија пишува: Според уставниот судија Осман Кадриу, можни се три епилози и за усвојување на кој било од нив се потребни гласови од најмалку 5 уставни судии, од вкупно 9, колку што ги има во Уставниот суд. „Прво, Уставниот суд може да ги прифати како разумни сите иницијативи и да поведе постапка за оцена на уставноста во врска со тој предмет. Значи, ако иницијативите се прифатат како разумни за поништување на предметниот закон. Второ, сите иницијативи да се одбијат. Да се ​​утврди дека предметниот закон е во согласност со Уставот и оти нема место за постапка за оцена на уставноста. Трето, може да се случи да не се укине целиот закон, за кој станува збор, но да бидат поништени само некои одредби.“.

Во текот на овие години на масата на уставните судии пристигнаа повеќе од 10 иницијативи за оспорување на уставноста на законот за јазиците. Сите иницијативи се обединети во еден предмет, бидејќи се однесуваат на истиот закон, за употреба на јазиците. Според уставниот судија Осман Кадриу, овие иницијативи не биле разгледани досега, бидејќи не биле пополнети сите места на уставните судии.

„Некои иницијативи оспоруваат особено некои одредби. Се оспорува прашањето за употребата на зборот „албански јазик“, во конкретните одредби од законот. Се оценува дека е тоа неуставно и оти треба да се поништи. Второ, особено се оспоруваат одредбите од предметниот закон, со кои се уредува прашањето за постапката пред судските органи. Има и овде сериозни забелешки, има аргументи, донекаде разумни, кои можат да ја доведат во прашање уставната важност на предметниот закон за тие одредби.“ – посочува Кадриу.

Што се однесува до забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, Кадриу вели дека тоа се правни мислења и препораки, кои сигурно ќе бидат разгледани. Но, тој потсетува дека Венецијанска комисија наведува оти конечната одлука е на Уставниот суд. Во јануари 2018 година, веднаш по полагањето на заклетвата, судијата Осман Кадриу, како и сегашниот претседател на Уставниот суд Дарко Костадиновски беа прашани од медиумите како ќе постапат кога овој закон ќе биде оспорен во Уставниот суд.

„Прашањето на јазикот не е правна работа, тоа е уставна работа и како уставно право се регулира и се гарантира со закон.“ – кажал Осман Кадриу во 2018 година.

„Кога ќе биде во Уставен суд, тогаш и јас ќе го покажам своето мислење.“ – вака изјави во 2018 година претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. Ова што го најави тогаш, Дарко Костадиновски јавно го соопшти пред неколку дена. По ова уследија бран на реакции во јавноста.

Инаку, редакцијата на „Експрес“ потсетува дека во интервју за Македонската информативна агенција – МИА пред неколку дена претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски го изнесе следниот став: „Со Законот за јазиците политиката создаде хаос, кој потоа предизвика и политички хаос, недоверба и дилеми. Јавноста веќе го виде извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Свесни сме за јавниот интерес и за можните последици ако Судот одлучи да го укине, или да го остави во примена овој Закон, или да интервенира во одредени одредби.“