Кампања да се забранат во Скопје прегласните утрински обреди преку звучниците на џамиите и „нарушувањето на јавниот ред и мир“

„Почнува кампања на општествените мрежи: се бара забрана на езанот во скопските џамии.“ – објавија информативниот портал „Индекс.мк“ и некои други медиуми на албански јазик од Македонија. Инаку, езан е повик на муезинот пет пати во текот на денот преку минарето на џамијата до муслиманските верници дека е време за молитва.



„Индекс.мк“ пишува: Проблемот со многу гласните обреди во верските објекти во Скопје не е нов. Силните звуци, кои доаѓаат од некои од џамиите во главниот град е прашање, што го покрена повторно еден корисник на општествената мрежа икс (твитер).

„Во центарот на главниот град на една световна држава, со население главно православно, може да се чуе џамија, од која одекнуваат остри чкрипави звуци.“ – вели еден граѓанин на мрежата икс.

„Време е сите да поднесеме претставки до Народниот правобранител, ова е класично нарушување на јавниот ред и мир. Немам ништо против верата, но звучниците и засилувачите немаат врска со вера, или религија. Потребен е човечки договор барем во 4:35 часот да не пеат на звучниците!“ – реагира друг скопјанец од македонска националност.