„Премиерот на * Македонија Христијан Мицкоски ќе ја посети наскоро Албанија.“ – изјави вицепремиерот Изет Меџити во интервјуто за Радиотелевизија Албанија. Ова го објавија информативниот портал „Актуале.мк“ и други медиуми на албански јазик во Македонија и во Балканот.
„Актуале.мк“ пренесува: Во интервју за РТ Албанија Меџити кажа дека за време на неговата дводневна посета на Тирана имало многу средби во функција на зголемувањето на соработката меѓу двете земји. Тој изнесе оценка за иницијативата за создавање посебен оддел за Албанците во регионот од страна на министерот Игли Хасани. Меџити ги поздрави односите меѓу двете земји и нивните стремежи за зачленување во ЕУ. „Сите состаноци се во функција на заедничките проекти и на нашето заедничко патување во ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски набргу ќе ја посети Албанија, за да ја интензивира соработката меѓу двете земји. Им благодарам на иницијативата на министерот Хасани, кој создаде во Министерството за надворешни работи посебен оддел, што ќе се занимава со застапувањето на Албанците во регионот. Оваа иницијатива уште повеќе не зближува еден до друг и ја зголемува соработката меѓу двете земји. Ние сме две соседни земји и Албанците се чинител и поврзувачки мост меѓу двете земји. Двајцата премиери Рама и Мицкоски веќе се сретнаа на меѓународни форуми во функција на возобновувањето и засилувањето на нашите односи, кои се одлични и без отворени прашања.“ – рече вицепремиерот Меџити.
Во однос на уставните измени во * Македонија и улогата на Албанците тој посочи дека е подготвен да разговара за тоа во функција на интеграција и децентрализација на земјата, што ќе им даде повеќе уставни права на Албанците во * Македонија. „Треба да се работи на Охридскиот договор, во сите области во борбата против корупцијата, на економскиот развој и децентрализацијата, каде што Албанците можат полесно да ги остварат своите права. Треба да се оди во нова фаза на децентрализацијата, што е од поголем интерес на Албанците. Подготвени сме уште утре, ако не повикаат, да ги направиме уставните измени. За тоа сме во комуникација со нашите партнери во Владата. Има позитивни знаци, кои даваат оптимизам дека владата ќе биде сеопфатна во интерес на Албанците и Македонците.“ – рече вицепремиерот на * Македонија Меџити.
Зборувајќи за политичката ситуација во * Македонија и изборот на новата влада, Меџити нагласи дека политичката ротација е здрава. „Се случи промена, здрава ротација за демократските процеси. Албанците за прв пат не се сконцентрирани во една партија, или во неколку мали партии. Тоа ќе донесе конкуренција во идеи, програми, платформа и ќе предизвика унапредување на албанското прашање во Македонија. Претходно недостигаше конкуренција во албанскиот политички табор. Политички ротации се случуваат во македонскиот политички табор постојано, на 4, или 8 години. Но, кај Албанците имаше еден вид политички монопол. Овојпат се случи промената, што е динамика на политичката сцена. Од овој натпревар на идеи најголеми победници ќе бидат Албанците.“ – рече тој.
За време на престојот во Тирана вицепремиерот Изет Меџити се сретна со премиерот Еди Рама, претседателот Бајрам Бегај. На покана на министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани тој учествуваше на Меѓународната конференција на амбасадори, одржана во Тирана.






