Мицкоски: Реформската агенда за ЕУ за 2024-2027 година е со цел да го унапредиме економскиот раст и стабилноста на државата, со ставање на располагање на 750 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани ја претстави реформската агенда „24-27“ која е резултат да се унапредат економските раст и стабилност на Македонија во рамки на планот за раст за земјите од Западен Балкан.



-Овој план, инициран од Европската комисија има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и Европската Унија, нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство.

Нашата Реформска агенда се темели на четири основни столбови:

• Зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија – Овој процес ќе го зголеми нашиот пристап до пазарите, ќе ја подобри трговијата и ќе ја поттикне регионалната стабилност.

• Продлабочување на регионалната економска интеграција – Преку зголемена соработка со нашите соседи во рамки на Заедничкиот регионален пазар, ќе создадеме посилна и поотпорна економија.

• Забрзување на фундаменталните реформи – Овие реформи се клучни за нашето усогласување со законодавството и стандардите на Европската Унија, овозможувајќи брз економски развој и значителни придобивки за сите наши граѓани.

• Зголемување на финансиската помош за реформите – Со финансиски пакет од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди се грантови, економијата ќе добие значителна поддршка за спроведување на реформите и постигнување на нашите цели.

Според формулата, за нас треба да припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за периодот 2024-2027 треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување на Договор за механизмот за реформи и раст и Договор за заем. По ратификацијата на договорите, пак, ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7% од алокација на средствата, односно околу 52,5 милиони евра, порача Премиерот Мицкоски.