Македонија добива прв социјален центар за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар

Прв социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар до крајот на годината ќе добие државата, се очекува тој да биде готов кон крајот на октомври или почетокот на ноември.



Станува збор за површина од 480 метри квадратни.

– Јас би сакал да им се заблагодарам во име на Министерството и на Владата, на амбасадорот Ангелов, кој континуирано се залага за центрите за аутизам и на градоначалникот Стојковски, кој видел колку е важно да се има ваков центар. Првпат во државата правиме центар за престој на адолесценти и возрасни – подвлече министерот Таравари.

Тој додаде дека ќе бидат ангажирани и психијатар, психолог, логопед, физикални терапевти, социјални работници, рехабилитатори.

Градоначалникот Стојкоски информираше дека центарот ќе вклучи не само дневен престој со можност за терапија и за дијагностика, туку ќе има и центар за ментално здравје.

– Ние паралелно со овој проект, работиме и на првиот национален центар за ресоцијализација на деца кои преживеале карцином во Кучково. И тој проект ни е во завршна фаза, очекуваме во истиот период некаде да заврши и неговата реализација – појасни градоначалникот.

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во изјава за медиумите посочи дека центарот требало да биде отворен на друго место и на многу помала површина уште во 2021 година, но, безуспешно. Како што додаде тој, дневен центар за деца со аутизам има во општина Аеродром во Скопје, во Охрид, се гради еден во Тетово, овој е четврти, но, прв за адолесценти.