Сириецот кој во петокот уби три лица во Солинген пристигна во Германија во 2022 година и побара азил.
Германското обвинителство го откри идентитетот на осомничениот напаѓач откако и се предаде на полицијата.
26-годишниот бил именуван како Иса Ал Х., а презимето е испуштено поради германските закони за приватност.
Наводно преку видео снимки објавени од Исламската држава ги најавил своите постапки Иса Ал Х. Како што дознава Велт, истражителите се уште не се сигурни дали ја прикажуваат снимката на осомничениот Сириец.
На видеото објавено во неделата навечер се гледа целосно маскиран маж. За време на снимката тој со прстот го покажувал гестот „тавхид“, кој е вообичаен меѓу исламистите, а држел и меч, пренесува Билд.
Иса Ал Х. (26), кој се предал на полицијата и го признал делото, престојувал во бегалски центар во тој град во западна Германија.
Тој е осомничен дека им припаѓал на терористите на Исламската држава, а против него се води истрага во три точки за убиство, обид за убиство и опасна телесна повреда во осум случаи.
Обвинителите рекоа дека „поради неговите радикални исламистички убедувања“ тој се обидел да убие што е можно повеќе луѓе кои ги сметал за неверници, прободувајќи ги постојано во вратот и горниот дел од телото.






