Платите мора да растат, но и да имаат своја вредност, односно секој месец граѓаните да имаат можност да купат повеќе, најави премиерот Мицкоски. Ова го изјави откако деновиве од опозициската СДСМ обвинија дека Владата ги излажала работниците и со тоа што не го исполнила предизборното ветување за зголемување на платите но и барањата на синдикатот за зголемување на минималната плата.
- Прво мора сите да знаеме дека платите мора да растат и платите мора да имаат вредност, односно да бидам попрецизен ние се ќе сториме како Влада платите да растат но и да имаат вредност да нема инфлација. Тоа што ќе можете да го купите со вашата плата оваа година да можете повеќе да купите следната година истиот месец. Тоа е нашата цел. Од друга страна тоа што го прави СДСМ е обид да манипулира, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Претходно, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го критикуваше пристапот на владата, тврдејќи дека таа не го исполнила ветувањето за зголемување на платите. Од СДСМ тврдат дека иако ВМРО-ДПМНЕ предизборно ветуваше повисоки плати, сега не успеваат да реализираат. Тие ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека се навраќа на застарени политики и обвинуваат за корупција во управувањето со платите.
Екс министерка за труд и социјала Јована Тренчевска во интервју за Сител рече дека ВМРО-ДПМНЕ не го исполнила предизборното ветување и ги излажала работниците со тоа што нема да има покачување на платите, ниту зголемување на минималната плата.
Ова следува откако Претседателот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов ја повика Владата да го исполни своето ветување во првите 100 дена од власта да седне со ССМ да разговара за зголемувањето на минималната плата.
Минималната плата во март е зголемена на 22.500 денари. И покрај ваквото усогласување, синдикалната кошничка за четиричлено семејство во август изнесува вкупно 61.199 денари. Тоа значи дека семејството со двајцата родители кои заработуваат минимална плата сепак ќе падне за над 16.000 денари за покривање на месечните трошоци.





