„Градоначалникот на општина Тетово и лидер на Движењето Беса Билал Касами во интервју за Еуроњуз Албанија изјави дека судскиот систем во Р*М е целосно корумпиран и има потреба од длабока реформа. Тој изјави дека сегашната власт се залага за реорганизација на правосудниот систем во РМВ, можеби според албанскиот модел на ветинг, како единствен начин да ѝ се пресече патот на корупцијата, според него.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА во својата информација со наслов „Касами: Правосудниот систем во * Македонија е уништен, сакаме СПАК како во Албанија“. Инаку, СПАК – Специјалната структура против корупција и организиран криминал во Албанија е создадена „особено за кривично гонење и истрага на корупција и организиран криминал, со цел пред сè да гарантира спроведување на правдата на најефикасен начин и независно од какво било незаконско влијание“. СПАК е формирана од Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал како и од Независната истражна единица, позната како Национално биро за истраги на Албанија.
Во интервјуто за Еуроњуз Албанија Билал Касами во овој контекст изјави „Судскиот систем во Р*М е уништен. Албанија напредува особено со СПАК, а тоа дава надеж дека случувањата се одвиваат во рамките на правдата, што не се случи во Р* М. Побаравме реструктуирање на правосудниот систем, за да се разбие овој монопол, во кој има има злоупотреба на луѓе. Оваа влада е посветена да го реорганизира правосудниот систем. Ќе бараме длабока реформа на судството и обвинителството. Кога дојдов на чело на општина Тетово во тетовското обвинителство, поднесов најмалку 5 предмети за случаи, кои покажаа големи злоупотреби на јавните фондови и ниедна тужба не беше земена предвид иако имаше факти“, рече Касами.





