На донаторски банкет одржан викендот во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на Македонска православна црква во Торонто се собрани 116.000 канадски долари наменети за одбрана на македонските национални интереси.
Крсте и Гордана Ивановски со семејството донираа 50.000 канадски долари, Милчо Отас Ташев 6.000, а Славе Димитров со семејството 5.000, соопшти Македонска координативна мрежа-Канада.
„Донаторската акција не запира тука. Очекуваме уште донации, кои се многу важни без оглед на сумата, а ќе бидат употребени за одбрана на македонските национални интереси“, изјави Боби Темелков, претседател на Светски македонски конгрес-Канада.
Донаторскиот банкет го организираа СМК-Канада, Македонско меѓународно движење за човекови права (МХРМИ), Обединети Македонци-Канада и Здружение „Андон Лазов Јанев-Ќосето“ од Торонто, обединети во Македонска координативна мрежа-Канада, како и македонските православни црковни општини и македонската заедница во Канада.





