Комисијата за заразни болести во петокот донела нови препораки за ковид-19 во Македонија – пишува Слободен печат.
Се отфрла правилото пациентот да биде препраќан на Инфективната клиника освен ако не се работи за тешка форма на болеста. Во секој останат случај – болниците и клиниките во Македонија треба да создадат посебни простории за изолација на пациентите што се хоспитализирани и имаат пропратен ковид, за да може да се третира нивното основно заболување.
– Секоја клиника во која ќе се дијагностицира позитивен пациент треба да обезбеди услови за третман и изолација на пациентот со цел да се третира неговото основно заболување што било причината за хоспитализацијата, односно болеста која го загрозува животот и здравјето на пациентот – вели за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заштита на населението од заразни болести.
Тој вели дека ова е реафирмиран став и се однесува на пациенти што имаат хируршки или интернистички состојби. Втората препорака на Комисијата за заразни болести е во сите здравствени установи да се почитува куќниот ред за посети. Тоа не значи дека нема да има посети во здравствените установи, но тие да не смеат да се одвиваат без ред – туку во строго утврдено време. Третата препорака на Комисијата се однесува на вакцинацијата.
-Се препорачува вакцинација на високоризичните групи двапати годишно. За сите други, се препорачува вакцинација против ковид-19 еднаш годишно, во есенските месеци кога се очекуваат најголем број инфекции – вели доктор Мехмедовиќ.
Бројот на случаи со ковид-19 во Македонија расте. Во јули статистиката на Институтот за јавно здравје покажа дека имало 250 регистрирани случаи. Симптомите се прекумерно потење, гадење, треска, температура, зацрвенето грло, промени во крвниот притисок, болки во градите и тешко дишење.






