Неисчистеното ѓубре во градот, немањето автобуси, неуредените градски површини – за се ова мајката на градот вината ја префрли кај советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Скопје. Градоначалничката побарала да се изврши притисок врз советниците да ја одблокираат работата на Градот, Владата да си плати 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите и да се гласаат програмите за работа на јавните претпријатија кои не се изгласани седум месеци, а без нив не може да се работи.
„Зошто целата вина ја префрлате врз мене кога јас, да можев без нив, досега градот ќе ви беше среден. Не знам зошто сметате дека вината треба да е во мене за нешто за кое што јас решение имам уште од прв ден. Јас бев најдобриот градоначалник до септември 2022 година додека не фативме нечии рачиња во медот. Од тогаш станав најлош градоначалник. Како очекувате јас да направам нешто кое не е во моите ингеренции. Не можам јас да имплементирам нешто за кое утре треба да одам во затвор. Ниту ќе го направам. Зошто? Затоа што не сакаат да гласаат? Ако е целта политички да ме ставите на место каде што мислите дека јас нема да можам да излезам со контрааргумент тоа нема упали. Секој што знае како функционирал градот досега, знае дека без овие програми не може ништо да направите“, се оправдуваше градоначалничката Арсовска денес.
Како и сите досегашните ретки прес-конференции, градоначалничката повеќе личеше на расправија со новинарите за кои Арсовска рече дека и поставуваат неумесни прашања и дека се дојдени да ја напаѓаат.
„Уште сто дена да стоиме тука и мене да ме напаѓате нема да го решиме проблемот. Јас не сум личноста која што кочи“, рече градоначалничката Арсовска.






