Единствен амбасадор кој бил повикан од министерот за надворешни, Тимчо Муцунски, но се уште не се јавил на консултации е Љубомир Фрчкоски, кој пријавил боледување.
„Му посакувам добро здравје, но тоа не значи дека постапката ќе се одолговлечи. Таму имаме сериозни индиции за финансиски злоупотреби на буџетски средства и факт е дека во моментов спроведуваме ревизија на работењето на постојаната мисија. Боледувањето не значи дека не следува процес на утврдување на одговорност за сериозните индиции кои ги имаме за злоупотреба на финансиски средства од страна на мисијата во времето додека ја раководи Фрчкоски“, рече Муцунски во дневникот на Сител.
Консултации биле одржани со амбасадорите Андреј Жерновски, Весел Мемеди и Данчо Марковски.
Во врска со амбасадорот Мемеди, според Муцунски, МНР спроведува постапка во врска со дописот од негова страна до италијанските власти дека не важат пасошите со старото име во период кога немаше документи. Амбасадорот Мемеди немал соодветна инструкција од МНР за да преземе таков чекор, односно тоа го сторил самостојно.
Во врска со Жерновски, шефот на дипломатијата изјави дека постојат сериозни индиции за формално-правниот аспект на неговото стапување на функцијата и дека е почната внатрешна процедура за да се види дали има или нема одговорност.






