„Јавното мислење врие од последователни обвинувања меѓу владејачките и опозициските партии за поттикнување меѓуетнички судири и дестабилизација на земјата. Партиите меѓусебно се обвинуваат за тоа кој планира немири. Претставници на власта споменаа ‘црни пари’ и поранешни функционери, кои се обидуваат да предизвикаат судири. Претставниците на власта не соопштуваат имиња на луѓето, што се обидуваат да го сторат тоа. Опозицијата обвинува дека тоа се сценарија на Владата. Аналитичарите и експертите посочуваат дека е мала веројатноста за дестабилизација на земјата, оти повеќе се работи за политичка борба за власт. Но тие предупредуваат дека, сепак, земјата влегува во круг на насилство, на кој треба да му се обрне внимание.“ – се нагласува во политичката анализа со наслов „Црни пари’ и меѓуетнички судири во Р*М: партиска реторика за власт“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“.
Борба и реторика за власт
Покрај другото, во анализата на „Порталб“ пишува: Коментирајќи ги последните обвинувања и противобвинувања меѓу партиите, политичкиот аналитичар Бесим Небиу вели дека опозицијата решила целата своја политичка енергија да ја насочи кон оспорување на легитимитетот на коалицијата Вреди како претставник на политичката волја на Албанците, врз основа на свое оценување дека „Европскиот фронт“ победил на парламентарните избори.
„Целта на оваа опозициска активност е да се поттикне народното незадоволство кон власта, при што според опозицијата Албанците не се соодветно претставени. Ова незадоволство се очекува да се појави во облик на масовни протести и повторно отворање на темите, за кои ДУИ тврди дека ги затворила во текот на 22-годишното владеење.“ – вели Небиу.
Но, тој забележува дека има важен проблем во оваа линија на логика: тврдењето „врз легитимитетот е извршено насилство“ е конструкција, што не се совпаѓа со политичката реалност.
„Голем дел од Албанците, повеќе од 100 илјади гласачи, гласаа против ДУИ, против нејзините кадри и политики. Протестите и револуциите бараат широка народна поддршка, но ДУИ поради своето долго владеење загуби значителен дел од ваквата поддршка. Со истите лидери на чело тешко е ДУИ успешно да води едно народно движење. За да успее да мобилизира народно движење, опозицијата мора навистина да одговори на грижите на граѓаните и да понуди конкретни и убедливи алтернативи, што би значело и нови лица, кои не се поврзуваат со злоупотреба, корупција и неспособност.“ – заклучува Небиу.
Политичкиот експерт д-р Селим Ибраими вели дека е мала веројатноста за дестабилизација и според него се работи повеќе за реторика за власт, отколку за ново востание.
„Секогаш треба да се зема со претпазливост секоја информација, која доаѓа од политичките партии и нивниот круг. Непроверените најави и партиски гласини за дестабилизација можат да придонесат * Македонија никогаш да не стане дел од ЕУ. Како и да е, * Македонија влегува во круг на насилство, на кој мора да му се обрне внимание.“ – смета Ибраими.





