„За Вреди велат дека е ‘вазал’ на некои од ‘европскиот фронт’, кои бараат ‘етнички легитимитет’ и ‘меѓународен ветинг’ и кои Груевски ги амнестираше за воените злосторства, спротивно на меѓународното право.“ – оваа објава на фејсбук на Џевдет Хајредини, поранешниот министер за финансии и сегашен политички аналитичар, беше разбрана во одделни кругови кај Албанците во Македонија како негово „скандалозно обвинување дека УЧК извршила воени злосторства“!
Информативниот портал на албански јазик „Опен-тв.мк“ ја пренесе жестоката реакција на Садула Дураки, пратеникот од ДУИ, од „Европскиот фронт“. Овој портал пишува: Дураки го нападна Џевдет Хајредини дека „го оцрнува славното минато на УЧК“, бидејќи тој во своја објава на фејсбук меѓу редови ја обвини УЧК дека извршила воени злосторства.
Во објавата на општествените мрежи Садула Дураки пишува: „Да кажете дека УЧК извршила воени злосторства е срам за вас и за целата ваша кариера. Вие и таквите како вас работите како вазал за оние, кои не му мислат добро на албанскиот народ, за да го оцрните славното минато на УЧК. УЧК како војска со својата ослободителна војна овозможи демократизирање на државата и да се одбегне мајоризирање и дискриминирање на Албанците. Вие треба час поскоро да ја повлечете вашата изјава и да им се извините на албанскиот народ и на поранешните војници на УЧК.“
Инаку, токму Садула Дураки се наоѓа на списокот на “Хашките случаи“, поради, како што се наведува, „извршени воени злосторства во редовите на УЧК врз цивилното население во Македонија“. Во летото 2001-та година Дураки, тогаш познат според својот „воен прекар“ и како самопрогласениот „Командант Вентили“, со уште двајца припадници на УЧК го завртел вентилот за довод на вода од Липковското Езеро, по што населените места од кумановскиот крај немале вода два месеца. Поради тоа, Дураки стана обвинет во судски предмет заведен како „Липковска брана“, кој здоби третман и на „Хашки случај“ за „извршени воени злосторства врз цивилното население“.
Во јануари 2024 година во писмо до македонската влада Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ побара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата, кои што беа префрлени од Хашкиот трибунал на домашните судови. Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.
„Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата, кои што беа префрлени од Хашкиот трибунал на домашните судови. Без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.“ – се вели во препораките на Дуња Мијатовиќ во писмото до Владата на Република Македонија од 15-ти јануари 2024 година.





