Пајазити: Мафијашките банди од политиката ја ограбија РМ и сега бараат ‘ветинг’, а крадците на ќебапи ќе лежат во затвор?!

„Мафијашките банди, облечени во бели кошули и со вратоврски, ја заробија државата! Во Македонија политиката ги контролира сите сфери на животот, а криминалот и масовната корупција се присутни  насекаде. Политиката наликува на добро организирана структура, која функционира според правилата на најмоќната светска банда „Коза Ностра“. Законите не важат за нив, туку за оние, што украле ќебапи, или сториле прекршок!“ – нагласува д-р  Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграција во Правниот факултет на државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Кога апашите-милионери и крупните риби, засмрдени од корупција, бараат ‘ветинг’?!“. Колумната ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.



Пајазити пишува: Судската власт се состои од делење право, односно обезбедување законитост во општеството. Оваа власт ја вршат независни судови, како традиционални органи и институции на државата. Оваа дефиниција не важи за * Македонија, бидејќи политиката ги избира судиите преку телефон. Тоа се виде и во случајот со прислушувањето, кога државните функционери избраа послушни и милитантни судии и обвинители без доверба кон нив. Тоа го докажува и најновиот скандал кога обвинител и судија беа фатени на дело додека земаат пари.

Но, ова не е се: кога политиката ги контролира судството и обвинителството, тогаш политичарите можат слободно да ги крадат и да ги злоупотребуваат парите од буџетот, кои се полнат од даноците на граѓаните. Како последица на ова денес многу политичари, осудени за крадења, се на слобода. Дури и некои функционери, што ја пљачкаа  државата и за кои има докази дека се криминалци, до вчера беа на високи функции во Владата и во други институции.

Главните принципи на судската власт се: законитост, принцип на материјална вистина, двостепеност, отвореност и деполитизација. Нема ниеден од овие принципи во * Македонија: бидејќи во неа законитоста важи само за оние, кои украле ќебапи, или направиле некој прекршок. Судовите се селективни и непрофесионални, не се транспарентни. Тогаш без правосуден систем каква демократија е оваа држава? Ние немаме демократски институции, туку држава заробена од мафијашки банди, облечени во бели кошули и вратоврски.

Како последица на ова големите риби, кои опљачкаа милиони и милијарди од народот, продолжуваат да шетаат слободно, па дури и често зборуваат за демократски принципи и вредности. Околу 20 тужби против 93 поранешни функционери, кои беа поднесени од 15 септември 2015 година, никогаш не добија епилог. Со префрлањето на предметите на Специјалното обвинителство во редовното обвинителство им се сменија само капите на судиите и обвинителите и продолжува старата песна на заробувањето на државата.

Освен што не се водеше борба против политичкиот криминал, не беа расветлени и наместените случаи против Албанците, кои беа осудени на долги затворски казни. Во Македонија политиката ги контролира сите сфери на животот, криминалот и масовната корупција се присутни  насекаде. Политиката наликува на добро организирана структура, која функционира според правилата на најмоќната светска банда „Коза Ностра“, или познати семејства како семејството Гамбино, Бонано и други.