Добро е тоа што Мемети некое време нема да прима мито, вели вицепремиерот за политики и добро владеење

Арбен Фетаи, вицепремиерот за политики и добро владеење, се огласи по спогодбата на членот на Советот на јавни обвинители и поранешен народен правобранител Иџет Мемети кој призна вина и се спогодил со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција предводенбо од Ислам Абази.



Мемети се спогоди за условна казна затвор од една година и забрана за вршење на професија, дејност или должност на службено лице во период од три години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Фетаи ја искоментира спогодбата со Мемети како шокантна и дека единствено добро нешто од сето тоа е што „некое време тој нема да прима мито додека му трае суспензијата“.

Тој вели дека „обвинителот на ДУИ, Ислам Абази, побарал условна казна од 1 година за другиот обвинител на ДУИ, Иџет Мемети, кој беше фатен како прима поткуп од 10.000 евра за да влијае на намалување на казната на политичар обвинет за трговија со дрога“. 

Меѓу другото, Фетаи вели дека овие случаи се однесуваат на „потребата од коренити реформи, каде веќе нема да има место за обвинители од овој тип“.

  • Затоа сме во ситуација кога само 2 отсто од граѓаните веруваат во правосудниот систем. Обвинителството и судството имаат потреба од коренити реформи, ветинг и нов почеток, каде веќе нема да има место за обвинители од ваков тип, корумпирани и под влијание на политиката и наркокартелите“, рече Фетаи.