Охриѓани веќе неколку дена се жалат дека чадот од пожарот на планината Галичица се симнува во туристичиките места и во градот. Вче тој беше видлив и од плажите. Ветрот го разнесува чадот, а видикот кон планината не е јасен.
Центарот за управување со кризи извести дека пожарникарите денеска цел ден го гаснат жариштето со два воздухоплова – едниот од преспанската страна кај Стење-Лескоец и другиот на охридската страна на запад кај месноста Војтино.
На фејсбук групата „Охриѓани“ се споделува апел до сите граѓани кои би сакале да помогнат во гасењето на пожарот на Галичица, кој веќе премина од страната на Охрид.
„По консултација со планинската спасителна служба, сите физички спремни доброволци, утре (денес) во 07:00 часот да се пријават кај планинарската куќа Спиридон, (после Црквичето Св. Ѓорѓија на Галичица накај Ресен од десна страна) со свој алат, мотика или гребло! Најбитно е да сте физички спремни со базична планинарска опрема, кондури итн. Досега само по 3-4 доброволци на ден се пријавувале, затоа ајде да се собереме поголем број да си ја спасиме Галичица. За жал моментално нема друга (поголема) организација за спас на националниот парк!“ се вели во апелот.






